Русија назначи нов командант на мировните сили во Нагорно Карабах

Сподели со своите пријатели

Руските вооружени сили соопштија дека назначиле еден од највисоките руски команданти на чело на мировните сили во регионот Нагорно-Карабах, спорна област каде повторно се зголемуваат тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан.

Loading...

Руското Министерство за одбрана соопшти дека командата на мировните сили во Нагорно Карабах наместо досегашниот командант генерал-мајор Андреј Волков ќе ја преземе генерал-полковник Александар Ленцов, заменик-врховен командант на руските копнени сили.

Не беше наведена прецизна причина за оваа промена на чело на мировните сили, која беше објавена само неколку часа по телефонскиот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, пренесе Ројтерс.

Британската агенција потсетува дека Ерменија неодамна изрази загриженост поради неуспехот на руските мировни сили да го одржат отворен Коридорот Лачин, единствениот пат што ја поврзува Ерменија со Нагорно Карабах преку територијата на Азербејџан.

Руските мировни сили беа распоредени во 2020 година со цел да се стави крај на вооружениот конфликт во Нагорно-Карабах, за кој се борат Ерменија и Азербејџан од распадот на СССР во 1991 година.

Оваа планинска енклава е меѓународно призната како дел од Азербејџан, но е населена главно со Ерменци.