Русија ги засили нападите врз разурнатиот град Авдијевка на линијата на источниот украински фронт, изјави нејзиниот градоначалник Виталиј Барабаш.
Индустрискиот град во близина на регионалното упориште Доњецк, под контрола на Русија, се соочува со жестоки напади повеќе од еден месец.
„Многу е тензично и непријателот е се поактивен. Руските трупи користат оклопни возила, таргетирајќи ја индустриската зона и позициите во градот дење и ноќе за да погодат високи згради“, изјави Виталиј Барабаш на националната телевизија, пренесе АФП.
Под напад од 2014 година, градот беше во голема мера уништен со гранатирање.
Во градот останале 1.431 лице од предвоеното население од околу 30.000, рече градоначалникот.
Генералот Олександр Тарнавски, кој ја предводи украинската контраофанзива на југ, рече дека нивните војници „цврсто ја држат одбраната во правец на Авдијевка“.
Минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша Авдијевка како една од „најжешките“ области на линијата на фронтот, пренесува РСЕ.