Русија е задоволна од декларацијата од самитот на Г20

Сподели со своите пријатели

Русија ја пофали декларацијата на Групата 20 најголеми економии, која директно не ја критикуваше Москва за нејзината агресија врз Украина и рече дека лидерите на самитот во Њу Делхи дејствувале во интерес на решавање на конфликтот, пренесува Ројтерс.

Loading...

Учесниците на Г-20 вчера во Њу Делхи усвоија декларација со консензус, во која не се споменува осуда на Русија за војната, но се повикуваат сите земји да не користат сила за да ја окупираат територијата.

„Имаше многу тешки преговори за прашањето за Украина; пред сè, функционираше колективната позиција на земјите и партнерите на БРИКС. Сето тоа се одрази во избалансирана форма“, изјави руската претставничка во Г20, Светлана Лукаш, пренесе агенцијата Интерфакс.

Таа, исто така, рече дека тоа не е само поради некои несогласувања на тема Украина, туку и поради разликите во позициите за сите клучни прашања, пред се климатските промени и транзицијата кон енергетски системи со низок јаглерод.

Официјален претставник на Европската унија, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Ројтерс дека преговорите за декларацијата на лидерите на Г-20 траеле до последен момент и дека војната во Украина е најспорното прашање, пред да се постигне консензус.

Официјалниот претставник го пофали силното водство на Индија, додавајќи дека Бразил и Јужна Африка исто така одиграле клучна улога во преговорите.

„Самитот на Групата 20 во Њу Делхи е успех за сите земји членки, во време кога организацијата е подложена на внатрешни реформи“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика вчера да не се „маргинализира“ Русија во преговорите за рестартирање на договорот за извоз на украински жита преку Црното Море.

Loading...

„Ниту еден процес што ќе ја маргинализира Русија во црноморската иницијатива за жито нема да биде одржлив“, изјави турскиот претседател за новинарите по затворањето на самитот на Г-20 во Њу Делхи.

Тој најави дека наскоро ќе организира средба на таа тема со претставници на Русија, Украина и ОН, без да прецизира датум или место.

Велика Британија ќе се обврзе да обезбеди две милијарди долари на Зелениот климатски фонд за да им помогне на земјите во развој да се справат со климатските промени, најави вчера премиерот Риши Сунак на Самитот на лидерите на Г20 во Њу Делхи.

Додека лидерите на Групата 20 влегуваа во меморијалниот центар посветен на Махатма Ганди, саканиот татко на индиската независност, кој беше убиен во 1948 година, тие беа пречекани со шалови од кади, клучен симбол на неговата кампања за ненасилен отпор што и помогна на Индија да добие независност од британското колонијално владеење, објави Си-Ен-Ен.

Со правење вакви шалови, Индијците сакаа да покажат дека се способни да го зголемат својот индустриски потенцијал, ослободувајќи ја земјата од зависноста од поранешните колонијални гувернери.

Индија официјално му го предаде претседавањето со Г20 на Бразил на церемонијата на затворање на годишниот самит на групата големи економии, што викендов се одржа во Њу Делхи.

Индискиот премиер Нарендра Моди го заврши примопредавањето со предавање на церемонијалната палка на претседателството на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.