Руанда оди на избори. Претседателот минатиот пат доби 99 отсто од гласовите

Сподели со своите пријатели

Руанда денеска оди на избори за да избере нов претседател, но речиси сигурно ќе биде Пол Кагаме кој владее со оваа централноафриканска земја речиси четвртина век.

Loading...

Гласачките места за претседателските и парламентарните избори се отворени во 7 часот по локално време, за околу 9 милиони регистрирани гласачи.

Првите резултати се очекуваат до 20 јули.

Повеќето гласачи на улица рекоа за Ројтерс дека ќе гласаат за Кагаме, пофалувајќи го неговото водство на земјата од 14 милиони луѓе по геноцидот во 1994 година, со акцент на развојот и ефективни социјални мерки.

„Кагаме постигна многу за нас. Имаме сигурност, сите деца можат да одат на училиште и таму да се хранат“, рече Тујирингиримана Оливие, градежен работник од југот на земјата.

Двајца противници

„Затоа мораме да го поддржиме. Веќе донесов одлука, убеден сум дека Руанда оди во вистинската насока“, додаде тој.

Кагаме ја предводеше бунтовничката армија која ја презеде власта откако го запре геноцидот во 1994 година, а претседател е од 2000 година.

На изборите има двајца противкандидати, Франко Хабинеза и Филип Мпајмана, кои веќе му се спротивставија на последните избори во 2017 година.

Loading...

На голем број други кандидати, вклучително и некои од најголемите критичари на Кагаме, им беше забрането да се кандидираат поради различни причини.

Кагаме освои 99 отсто од гласовите во 2017 година, по што го промени уставот и го отстрани делот за ограничување на мандатот.

Тој беше пофален за трансформирањето на Руанда во растечка економија, но исто така критикуван за задушување на медиумските слободи и опозицијата и за поддршка на бунтовничките групи во соседна Демократска Република Конго.