Руските ветувања и договори со нив не вредат за хартијата на која се напишани, изјави денеска во Копенхаген украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников.
Тој објасни дека „Русија успева кога ќе успее да не подели, кога ќе не се соочи еден на еден, ќе ги повлече своите ресурси и ќе не порази“, пишува Гардијан.
– Русија е поразена и се откажува кога ќе ја загуби иницијативата и ќе наиде на координиран отпор – рече Резников на меѓународната донаторска конференција што се одржа во Копенхаген, на која учествуваа повеќе европски министри за одбрана.
На присутните преку видео врска им се обрати и претседателот на Украина, Владимир Зеленски.
Велика Британија и Данска најавија дека ќе и пружат дополнителна помош на Украина во поглед на пари и оружје.
Велика Британија во соопштението рече дека ќе и достави на Украина неколку повеќецевни ракетни системи способни да погодат цели до 80 километри, објави Ројтерс.
Британскиот министер за одбрана Бен Валас рече дека пратката со оружје ќе и помогне на Украина да се одбрани од руската тешка артилерија.
Во меѓувреме, Данска ќе ја зголеми финансиската помош за Украина за 110 милиони евра, изјави премиерот Мете Фредериксен.
– Ова е војна против вредностите врз кои се изградени Европа и слободниот свет… Денеска ја потврдуваме нашата посветеност да ја поддржиме Украина – рече таа.
На конференцијата, чиј домаќин беа Украина, Данска и Велика Британија, се разговараше за долгорочна поддршка за Украина по рускиот напад врз таа земја.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.