Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Кремљ го видел отвореното писмо на украинскиот претседател Володимир Зеленски до рускиот претседател Владимир Путин и додаде дека Зеленски може да дојде во Москва во секое време доколку сака да се сретне со Путин.
„Имав можност да го прочитам писмото. Претседателот Путин рече дека ако Зеленски сака да разговара, може да дојде во Москва и да го направи тоа“, рече Песков, пренесува ТАСС.
Сепак, Зеленски во четвртокот во отвореното писмо до рускиот лидер Владимир Путин рече дека не е подготвен да отпатува во Русија на преговори.
„Предлагам средба со вас. Сите слушнаа како вашите претставници се смеат и велат дека можам да дојдам во Москва. Но, украинскиот лидер нема ништо во вашиот главен град, исто како што рускиот лидер нема што да прави во Киев“, напиша шефот на киевскиот режим во пораката на својата веб-страница, додавајќи дека е подготвен да одржи состанок во трета земја, пренесува „Известија“.
Во својата порака, Зеленски предложи рускиот претседател да одреди јасен датум за состанокот, истакнувајќи дека земји како Швајцарија, Турција и арапскиот свет би можеле да послужат како места.
Претседателот на Украина синоќа му испрати отворено писмо на Путин во кое порача дека Украина е подготвена за прекин на војната и за директни преговори на ниво на лидери.
Во писмото објавено на веб-страницата на претседателот на Украина, Зеленски наведува дека Украина е подготвена за „целосен прекин на огнот за време на преговорите“ и повика на организирање средба на лидерите, со учество на меѓународни посредници, пренесува Танјуг.

