Путин: Не ги разбирам постапките на Франција против Дуров, тие се селективни

Сподели со своите пријатели

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека не ги разбира постапките на Франција против основачот на социјалната мрежа Телеграм Павел Дуров, против кого француските власти минатата недела покренаа официјална истрага.

Loading...

Според забелешките на Путин, активностите на Франција имаат „селективен карактер“, пренесува РИА Новости.

На маргините на економскиот форум во Владивосток рече и дека знае за претензиите на многу земји кон Дуров.

Путин додаде дека Русија нема поплаки против Дуров, но истакна дека руската влада, исто така, може да има некои прашања до основачот на Телеграм.

Зборувајќи за неговата единствена средба со Дуров, рускиот претседател рече дека еднаш се сретнал со него, пред неколку години, но дека оттогаш не биле во контакт.

Путин, како што изјавил, мислел дека Дуров живее во Москва, пренесува руската агенција.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатиот месец изјави дека не знае дали Дуров и Путин некогаш се сретнале.

Француските власти покренаа истрага против Дуров во врска со користењето на платформата Телеграм за кривични дела како затајување и перење пари и детска порнографија.

Loading...

Адвокатот на Павел Дуров оцени дека истрагата против него е апсурдна.

Француските власти го игнорираа барањето на руските дипломати да му дозволат на Дуров да разговара со конзулот додека е во притвор, соопшти во понеделникот руската амбасада во Франција.

„Во периодот кога Павел Дуров беше во притвор, му беше забранет пристап до конзуларниот систем, а француската страна не даде никаков одговор, ниту позитивен ниту негативен, на нашето барање“, соопштија од амбасадата, а пренесе агенцијата РИА Новости.

Дуров беше приведен на аеродромот во Париз Бурж на 24 август, што предизвика јавни критики во многу земји.

Дуров е осомничен во Франција за повеќе кривични дела, вклучително и соучесништво во управувањето со интернет платформа заради спроведување нелегални трансакции од страна на организирана група и може да се соочи со затворска казна до 10 години.

Дуров во средата вечерта беше пуштен со кауција која мора да ја плати наскоро (пет милиони евра), но е под судски надзор, исто така му е забрането да ја напушта територијата на Франција и мора двапати неделно да се јавува во полиција.