Рускиот претседател Владимир Путин денеска му честиташе на Николас Мадуро за неговиот реизбор за претседател на Венецуела и ја потврди подготвеноста на Москва да продолжи со заедничката работа на актуелните прашања од билатералната и меѓународната соработка меѓу двете земји, соопшти Кремљ.
Тој додаде дека руско-венецуелските односи по својата природа се „стратешко партнерство“ и дека е убеден дека активностите на Мадуро на чело на државата ќе продолжат да придонесуваат за прогресивен развој на односите меѓу двете земји во сите правци.
„Би сакал да ја потврдам нашата подготвеност да продолжиме со конструктивна заедничка работа за актуелните прашања од билатералната и меѓународната агенда. Не заборавајте дека секогаш сте добредојден гостин на руска почва“, се вели во честитката на Путин, а пренесува РИА Новости.
Националниот изборен совет на Венецуела претходно денеска објави дека врз основа на резултатите од обработените 80 отсто од избирачките места, актуелниот венецуелски претседател Николас Мадуро освоил 51,2 отсто од гласовите и победил на претседателските избори, со што обезбедил трет мандат.
Неговиот противкандидат, опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија, според податоците на изборната комисија, освоил 44,2 отсто од гласовите.
Опозицијата најави дека се подготвува да ги оспори резултатите што ги објави изборната комисија.
Во Венецуела вчера се одржаа претседателски избори, а противници на Мадуро беа опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија и уште осум други кандидати.