Првиот отворено небинарен правосуден работник во Мексико и истакнат ЛГБТК активист Хесус Осиел Баена е пронајден мртов во својот дом.
Властите вчера го пронајдоа телото на судијата во градот Агуаскалиентес, заедно со телото на уште едно лице.
Небинарен е термин кој се користи за луѓе кои не чувствуваат дека се вклопуваат во традиционалните категории на машки или женски пол.
Луѓето кои се сметаат себеси за небинарни често претпочитаат неутрални заменки како „тие“ наместо „таа“ или „тој“.
Локалните медиуми идентификуваа уште едно лице како партнер на Баена.
Министерката за безбедност Роса Ицела Родригез рече дека не е јасно „дали станува збор за убиство или некаков вид несреќа“.
Според соопштението на Државното правобранителство, немало индиции за кражба во објектот.
Во куќата е пронајден остар предмет, а прелиминарните наоди укажуваат дека може да се работи за инцидент од лична природа, пишува Би-би-си.
„Јас сум небинарна личност, не се гледам себеси ниту како жена, ниту како маж“
Групата за права на ЛГБТК Летра С ги повика локалните власти да ја истражат смртта темелно и без предрасуди.
Алехандро Брито, директорот на групата, изјави дека Баена добивал многу пораки на омраза и дека му се заканувале со насилство и смрт.
Баена (38) беше назначен за судија на државниот изборен суд во Агуаскалиентес во октомври 2022 година.
Тој беше првото небинарно лице во Латинска Америка што ја извршуваше судиската функција.
Во јуни му беше издаден родово неутрален пасош.
„Јас сум небинарна личност, не се гледам себеси како жена или маж. Тоа е идентитет, тоа е мој и за мене, за никој друг“, напиша Баена на социјалните мрежи во јуни.