Во Азербејџан е регистриран прв случај на инфекција со вирусот на мајмунски сипаници, соопшти Министерството за здравство на земјата.
Како што се наведува, 22-годишниот азербејџански државјанин од 2 до 11 јануари годинава патувал во странство, а неколку дена по враќањето во земјава отишол во болница, со симптоми како слабост, треска и осип кај пределот на гениталиите, отечени лимфни јазли и болки во мускулите, пренесе Интерфакс, пренесува Танјуг.
Лекарот за инфективни болести, сомневајќи се на инфекција со мајмунски сипаници, дознал дека пациентот бил во контакт со лице кое имало осип за време на патувањето.
„Врз основа на симптомите, направена е лабораториска анализа, а PCR тестот го потврди присуството на вирусот на мајмунска сипаница“, се вели во соопштението.
Се додава дека членовите на семејството на заразениот, кои биле во контакт со него, немаат знаци на болеста.
Тие се под домашен надзор, а им е пропишано превентивно лекување и обезбедени се потребните лекови.
Мајмунски сипаници е заразна болест која е најчеста во оддалечените области на централна и западна Африка.
Симптомите на болеста вклучуваат гадење, треска, осип, чешање и болки во мускулите.