Актерскиот ансамбл при албанската драма на Театар Куманово, вчеранавечер во НУ Центар за култура ”Трајко Прокопиев” ја изведе премиерата на претставата ”Коренот на Кале”, во која на сатиричен начин го прикажа распадот на поранешната СФРЈ, персонифицирајќи ги сите поважни историски ликови од тоа време.
[huge_it_gallery id=”194″]
Во режија на Веби Ќерими, а работена според сценарио на Назми Беќири, драмата ”Коренот на Кале” ја отслика состојбата при распадот на Југославија од позиција на албанското малцинство, т.е како албанската илегала делувала во тоа време, борејќи се за својата кауза на сите простори каде што живеат Албанци.
Самиот наслов ”Коренот на Кале” упатува на синонимот на калето како тврдина, т. е корените за тоа како и од каде почна распадот на Југославија и каква била улогата на албанското малцинство во тоа време.
Претставата во кумановскиот Центар за култура беше одлично примена од кумановската публика, која даде позитивни оценки за вложениот труд и енергија на целокупниот актерски ансамбл од албанската драма при Театар Куманово.
Во драмата настапија актерите Зијадин Муртези, Исмаил Касуми, Ќазмедин Нуредини, Мирсад Абази, Сефедин Шабани, Шкељќим Ислами, Илбер Муртези, Мендим Муртези, Шкумбин Зекири, Енвер Халими, Сара Бајрами, Резарт Нуредини и Генциана Рамадани.
Сценографијата е на Арменд Адеми, а за музичкиот дел се погржи Орхан Шаќири.
Реприза на преставата ”Коренот на Кале” е закажана за 14 септември во 20 часот.