Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал-Нахјан утре ќе отпатува за Русија, каде ќе се сретне со претседателот Владимир Путин, објави денеска државната новинска агенција на Емиратите ВАМ.
Оваа вест доаѓа помалку од една недела откако производителите на нафта во групата ОПЕК+, која ги вклучува ОАЕ и Русија, се договорија за нагло намалување на производството и покрај притисокот од САД, пренесува Ројтерс.
Одлуката на групата ОПЕК+, која ја сочинуваат Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), предводена од Саудиска Арабија, и нејзините сојузници предводени од Русија, дополнително ги затегна односите меѓу Вашингтон и неговите традиционални сојузници во Персискиот Залив – Ријад и Абу Даби, според извори на британската агенција.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден напорно се залага за да спречи намалување на производството на нафтениот картел, надевајќи се дека ќе го замрзне растот на цените на бензинот во САД пред среднорочните избори во ноември, на кои Демократската партија на Бајден би можела да ја изгуби контролата врз Конгресот.
Во јули Бајден беше во Џеда на самитот на земјите од Персискиот залив во обид да ги подобри односите со нив, но не успеа да постигне договор за зголемување на испумпувањето на нафта, додава Ројтерс.