Францускиот претседател Емануел Макрон од денеска до 27 август е во посета на Алжир, а неговата посета има за цел да го обнови партнерството меѓу двете земји по повеќемесечната криза.
Како што претходно беше најавено од Елисејската палата, патувањето ќе придонесе за „продлабочување на билатералните односи ориентирани кон иднината во корист на населението на двете земји, зајакнување на француско-алжирската соработка во справувањето со регионалните прашања и продолжување на работата на заздравувањето на спомените“.
Откако Елисејската палата ја најави посетата на Макрон, десетина организации на алжирската дијаспора во Франција го повикаа францускиот претседател да го спомене влошувањето на човековите права при посетата на Алжир, обвинувајќи ги властите во земјата за таква ситуација.
Вкупно 13 организации, вклучително и Колективот на семејствата на исчезнатите во Алжир, му испратија на Макрон отворено писмо во кое наведуваат дека се надеваат дека посетата „ќе биде плодна за двете земји, кои се силно поврзани со историја, географија, култура, јазикот и сите размени и партнерства исткаени од независноста“.
„Сепак, постои една сериозна тема што не треба да се игнорира за време на посетата, моменталната состојба на човековите права во Алжир“, се додава во писмото, во кое се наведуваат апсења и кршење на законот за време на продемократските собири на граѓанското движење Хирак основана во февруари 2019 година.
Покрај билатералните прашања, Макрон со алжирските власти ќе разговара за ситуацијата во Мали и растечкото руско влијание во Африка.
Тоа ќе биде втора посета на Макрон на Алжир. Првата посета беше во декември 2017 година на почетокот на првиот претседателски мандат на Макрон.
Од крајот на Алжирската војна за независност, Франција и Алжир одржуваат и блиски и сложени односи наспроти позадината на бурното помирување.
Двете земји имаат силни економски врски, добра разузнавачка соработка, но болно колонијално минато. А голема алжирска заедница живее во Франција.