Премиерите на Индија и Шпанија, Нарендра Моди и Педро Санчез, ја отворија првата приватна фабрика за воени авиони во Индија, како дел од обидот на Њу Делхи да го зголеми производството во воздушната индустрија.
Центарот за производство на авиони Tata Aircraft Complex ќе произведува воени транспортни авиони Ербас Ц-295 во соработка со Ербас од Шпанија, кои ќе бидат дадени на индиските воздухопловни сили.
Според договорот од 2,5 милијарди долари, потпишан во 2021 година, Ербас ќе ги испорача првите 16 авиони од својата фабрика во Севиља, Шпанија, од кои шест досега се испорачани на индиските воздухопловни сили.
Производство на 40 авиони, секој способен да превезе до 71 војник
Tata Advans Systems ќе произведе 40 авиони во својата фабрика во Вадодара во Гуџарат, а се очекува да го комплетира првиот авион C-295 произведен во Индија во 2026 година.
Авионот може да носи до 71 војник и може да се користи и за медицинска евакуација и помош за одговор при катастрофи.
„Ова партнерство меѓу Ербас и Тата ќе придонесе за унапредување на индиската воздушна индустрија и ќе отвори нови врати за влез на други европски компании“, рече Санчез.
Оваа нова фабрика за авиони ќе ги поттикне новите индустрии во Индија“, рече Нарендра Моди, додавајќи дека неговата земја сега доставува делови за авиони на водечките компании во светот.
Шпански лидер во Индија по 18 години
Претседателот на Тата, Натараџан Чандрасекаран, го нарече настанот историски за одбранбениот сектор на земјата и му оддаде заслуга на покојниот Ратан Тата, индустријалец и поранешен претседател кој почина претходно овој месец, за идејата пред повеќе од една деценија.
Ова е прва посета на шпански лидер на Индија во последните 18 години.
За време на дводневната посета, Санчез ќе разговара со Моди и со индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар.
Се очекува двајцата лидери да потпишат договори кои дополнително ќе ја зајакнат соработката во различни области како трговијата, информатичката технологија, обновливите извори на енергија и одбраната.
Во вторник, Санчез ќе отпатува за Мумбаи, финансискиот главен град на Индија, каде што се очекува да разговара со претставници на трговијата и индустријата, а исто така ќе ги посети филмските студија во обид да ја зголеми соработката меѓу индиската и шпанската забавна индустрија.
Билатералната трговија меѓу Индија и Шпанија изнесува речиси 10 милијарди долари од почетокот на 2023 година.
Повеќе од 200 шпански компании активно работат во Индија и околу 80 индиски компании во Шпанија.