Повредената жена на Кокино била предупредена за можните ризици при искачување

Сподели со своите пријатели

По несреќниот случај во кој жена – посетител на археолошката опсерваторија ”Кокино” за време на првомајските празници падна од стрминте карпи и се здоби со телесни повреди, Музеј Куманово се обрати со свој апел до граѓаните да внимаваат при посета на овој локалитет, за да не дојде до повторна несреќа.

Loading...

Како што соопштуваат од Музеј Куманово, на локалитетот Кокино постојат табли со предупредувачка содржина, односно апел за внимание и забрана за искачување по стрмните карпи, но, како што велат, тие пораки најчесто се занемаруваат од самите посетители и едно човечко невнимание може да резултира со фатални последици.

Според директорот Анита Цветановска, искачувањето по карпите не треба да претставува туристичка атракција, затоа што се работи за остри карпи кои не се наменети за искачување.

– На самиот локалитет кој воедно претставува и наоѓалиште заштитено со закон, посетителите не ги почитуваат пораките за внимание при искачување по стрмните карпи. Тие табли не се поставени само за да стојат таму. Но, најчесто, поради фотографирање од самото место, посетителите на сопствен ризик се качуваат низ острите карпи и се случуваат несреќни случаи кои може да бидат и кобни, вели Цветановска.

Во конкретниот случај со повредената жена, Цветановска додава дека стражарските служби на Кокино, критичниот ден ја предупредиле групата во која била и повредената жена да не се качуваат по тој дел од карпите, но тие сепак се искачиле на своја одговорност.

– Нашиот стражар ја предупредил групата да не одат во тој дел од локалитетот, но групата сепак се упатила и се случило да дојде до несреќен пад. За среќа, повредената жена поминала со полесни повреди, но сепак е хоспитализирана, вели директорот на Музеј Куманово.

Четиригодишниот проект поддржан од Министерството за култура за локалитетот Кокино, во изминатиот период опфати повеќе активности, додава Цветановска, т.е вршени се археолошки истражувања со завршна фаза во јуни оваа година, по што ќе следи конзервација, а напоредно со истражувањата, се работи на проширување на патот до самиот локалитет.

Leave a Reply