Поранешната турска министерка Фатма Бетул Сајан Каја е уапсена во рамките на истрагата за трансакции на пазарот на капитал, под сомнение за кршење на Законот за пазарот на капитал и членство во криминална организација, соопшти денес обвинителството во Истанбул.
Според документот на обвинителството, Фатма Бетул Сајан Каја е осомничена дека има информации што би можеле да влијаат на цената на акциите на „Озата Денизчилик“, објави „Анадолија“.
Истражителите наведоа дека поранешната министерка ги купила акциите на таа компанија во април 2026 година, а ги продала на 16 септември, денот пред одлуката за ликвидација на фондовите.
Обвинителството се сомнева дека Каја знаела за претстојната ликвидација, како и дека ги префрлила акциите на компанијата „Тера Јатирим Менкул Дегерлер“, која ѝ ја исплатила нивната вредност истиот ден, наместо парите да бидат платени во вообичаениот рок од два работни дена.
Поранешниот претседател на Одборот за пазари на капитал, Ибрахим Омер Ѓенул и Иљас Каја, беа ослободени под мерки на судски надзор, кои вклучуваат редовно пријавување кај властите и забрана за патување.

