Најава за дожд го одложи за среда одржувањето на Училишниот крос кој утре требаше да се одржи на спортскиот аеродром Аџи Тепе во Куманово.
– Поради лоши временски услови, најава за дожд, училишниот крос се поместува за среда на 22.04.2026. Во 09:30h за секое училиште ќе има организиран превоз до Аџи Тепе и назад до училиштето, информираат од организацијата.
Настанот ќе ги обедини учениците од сите основни и средни училишта од општината, кои ќе имаат можност да се натпреваруваат во повеќе категории.
Собирот на учесниците е закажан за 10:00 часот, додека стартот на трките е во 10:30 часот.
Натпреварувањето ќе започне со најмладите ученици, а ќе продолжи по возрасни категории до најстарите средношколци.
Учениците ќе се натпреваруваат на различни дистанци, зависно од возраста – од 200 метри за најмладите (3 одделение), па сè до 1200 метри за средношколците.
Право на учество имаат и машки и женски ученици, а бројот на пријавени натпреварувачи не е ограничен.
За најуспешните натпреварувачи се предвидени награди – медали, маици и дипломи, кои ќе бидат доделени за првите три места во секоја категорија.
Настанот се реализира под организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт Куманово, со координаторите Филип Колевски и Марјан Нојковски, а има за цел поттикнување на спортскиот дух и здравите навики кај младите.
Никола Ивановски

