Полска потпиша договор со Јужна Кореја за купување тенкови, хаубици и муниција во вредност од 5,8 милијарди евра, пренесува АП.
Тие беа потпишани од полскиот вицепремиер и министер за одбрана Маријуш Блашчак и јужнокорејскиот министер за одбранбени набавки Еом Донг-хван во воената база во северниот полски град Мораг, пренесува Бета.
„Најважно е што првите тенкови и топовски хаубици ќе и бидат достапни на полската армија оваа година. Ја зајакнуваме одбраната на Полска“, изјави Блашчак.
Тенкови и хаубици
Полска ќе купи од Јужна Кореја 180 тенкови од компанијата „Хјундаи Ротем“ во вредност од 3,4 милијарди евра и 212 хаубици од компанијата „Ханхва дифенс“ по цена од 2,4 милијарди евра.
Договорот вклучува и обука за употреба на оружје, логистичка опрема и муниција.
Се очекува целото оружје да пристигне во Полска до крајот на 2025 година.
Блашчак рече дека двете земји годинава планираат да потпишат договор и за купување на 12 авиони ФА-50, лесни борбени авиони за обука, кои заеднички ги изработија јужнокорејски и полски компании.