Полска одлучи да го остави унгарскиот амбасадор од списокот на поканети на настанот по повод почетокот на полското претседавање со Европската Унија, бесна поради тоа што Будимпешта му даде азил на поранешен заменик министер под истрага за злоупотреба на јавни средства.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан исто така не беше поканет на церемонијата во Големиот театар во Варшава, изјави заменик-министерката за европски прашања Магдалена Собковиак-Чарнецка.
Варшава жестоко реагираше кога Унгарија минатиот месец му даде азил на Марцин Романовски, поранешен заменик-министер за правда на Полска, кој беше приведен во јули минатата година како дел од истрагата за злоупотреба на јавните средства.
Говор ќе одржат Туск и Кошта
Романовски брзо беше ослободен откако претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) потврди дека има имунитет како член на тоа тело.
Поранешниот заменик министер ги отфрла обвинувањата.
„Кога ги поканивме гостите на нашата церемонија пред речиси еден месец, го поканивме целиот дипломатски кор“, рече Собковиак-Чарнечка.
„Но, по ситуацијата со министерот Романовски, министерот за надворешни работи Шикорски одлучи дека унгарскиот амбасадор не е добредојден гостин во нашиот театар денес“, додаде таа.
Полскиот премиер Доналд Туск и Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет, ќе зборуваат на настанот по повод почетокот на шестмесечното полско претседавање со ЕУ.
Варшава, главен сојузник на Будимпешта за време на претходната конзервативна влада, го презеде претседателството од Унгарија.
Туск претходно го критикуваше Орбан за низа прашања, како што е неговиот став за војната во Украина и политиката што Варшава ја смета за проруска.
Орбан изјави за унгарските медиуми дека владата на Туск ги смета Унгарците за непријатели.