Четворица високи соработници на американскиот претседател Доналд Трамп одржале тајни разговори со водечките политички противници на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави бриселскиот Политико.
Според украинските парламентарци и републиканскиот експерт за надворешна политика на САД, сојузниците на Трамп разговарале со опозициската лидерка и поранешна премиерка Јулија Тимошенко, како и со високи членови на партијата на поранешниот претседател Петро Порошенко.
Клучна тема на разговор беше можноста за одржување на предвремени претседателски избори во Украина и покрај тоа што во моментов изборите се прекинати поради воената состојба.
Критичарите предупредуваат дека изборите под овие околности може да предизвикаат „хаос“ и да имаат корист за Русија, имајќи предвид дека милиони потенцијални гласачи се на фронтот или избегале.
Соработниците на Трамп веруваат дека Зеленски ќе ги загуби изборите поради незадоволството на јавноста од корупцијата и заморот од војната.
Иако неговата популарност опадна во последните години, последните анкети покажуваат дека тој се уште води во претседателската трка.
Неодамнешното истражување на јавното мислење покажа дека Зеленски има поддршка од 44 отсто, додека неговиот најблизок ривал, поранешниот командант на армијата и сегашен амбасадор во Велика Британија Валериј Залужни, заостанува повеќе од 20 отсто.
Порошенко има 10 отсто поддршка, а Тимошенко 5,7.
Иако Тимошенко и Порошенко јавно се против изборите пред крајот на војната, изворите тврдат дека преку неформални канали се позиционираат како политичари кои повеќе би сакале да соработуваат со администрацијата на Трамп.
Нивните партии официјално избегнаа директно да ги потврдат разговорите со американските претставници, но ја истакнаа важноста од повоените слободни избори и воспоставувањето траен мир.
Зеленски ја отфрла можноста за повлекување, велејќи дека би победил на изборите доколку се одржат.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека политичката сцена во Украина брзо се менува, а односите со Вашингтон стануваат клучен фактор за иднината на земјата.