Припадниците на Финансиската полиција во Рим запленија повеќе од 250.000 парчиња фалсификуван накит со логоа на престижни меѓународни брендови во две одделни операции, објавија денес италијанските медиуми.
Акциите беа спроведени во областа Есквилино и на западната периферија на италијанската престолнина, објави агенцијата Аднкронос.
Главната операција беше насочена кон продавница во областа Есквилино, управувана од кинески државјанин.
Инспекцијата откри илјадници парчиња накит од висока класа, подготвени за пласирање на пазарот.
Последователната истрага веднаш доведе до откривање на магацин во областа Тибуртина, кој се користел за складирање на оваа нелегална стока.
Доколку оваа стока стигнела на пазарот, криминалците ќе оствариле значителен нелегален профит, вели агенцијата.
Сопственикот на бизнисот бил пријавен кај властите за примање украдена стока, како и за увоз и трговија со производи со фалсификувани трговски марки.
Во одделен случај, додека патролирале во западните предградија на Рим, полицајците запреле италијански државјанин кој претходно ѝ бил познат на полицијата.
Кај него биле пронајдени нож на расклопување и мала количина наркотици наменети за лична употреба. После тоа, тој бил пријавен за нелегално носење оружје и упатен до надлежната префектура за поведување административна постапка поврзана со поседување дрога, објави „Аднкронос“.

