Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија нема никакви конкретни информации за евентуално „воздушно примирје“ со Украина и оцени дека претходните наводи за таа иницијатива се базираат исклучиво на медиумски шпекулации.
„Пред неколку дена се појавија такви информации, но засега тоа не е ништо повеќе од медиумски шпекулации. Нема ништо конкретно во тоа, ниту за какви било нови формули или предлози за решавање на конфликтот“, рече Песков, одговарајќи на новинарско прашање дали Москва добила информации преку дипломатски канали за иницијативата, која, според Ројтерс, треба да биде една од темите на разговор на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на САД.
Песков рече дека руската морнарица ќе преземе мерки за заштита на трговските бродови, но дека нивното вооружување или опремување со дополнителни средства за одбрана не е можно, пренесува РИА Новости.
Според него, меѓународното поморско право јасно предвидува дека трговските бродови не можат да бидат вооружени.
„Трговските бродови, во согласност со меѓународното поморско право, не можат да бидат вооружени, бидејќи се комерцијални бродови. Дополнителното опремување на овие бродови исто така не е можно, па затоа не може да се дискутира во принцип“, рече Песков.
Тој одби да коментира за изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Русија наводно разгледува распоредување на севернокорејски трупи во војната во Украина.
„Не сметам за потребно да коментирам за тие изјави. Не е до Зеленски да зборува за нашите планови“, рече Песков како одговор на новинарско прашање.
Зеленски претходно изјави дека Москва наводно разгледува можност за вклучување на дополнителни 30.000 севернокорејски војници во воени операции.

