Шефовите на држави од југоисточна Азија, како и други лидери, се собраа денеска во Пном Пен, Камбоџа на самитот на АСЕАН (Асоцијација на државите од Југоисточна Азија) за да разговараат за економските и трговските прашања, како и за ескалацијата на насилството во Мјанмар.
На состанокот во Пном Пен присуствуваат лидерите на девет земји од блокот – Брунеи, Камбоџа, Лаос, Индонезија, Малезија, Филипини, Сингапур, Тајланд и Виетнам, пренесува Ројтерс.
Американскиот претседател Џо Бајден ќе се приклучи на самитот утре, како и кинескиот премиер Ли Кечијанг, јапонскиот премиер Фумио Кишида и јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Камбоџанскиот премиер и домаќин на овогодинешниот самит, Хун Сен, се обрати на свеченото отворање и повика на будност и мудрост во време на економски и геополитички превирања.
„Сега сме во најнеизвесниот момент. Животите на милиони во нашиот регион зависат од нашата мудрост и предвидливост“, рече Хун.
Неколку претставници на Здружението ја обвинија воената влада на Мјанмар дека не го спроведува мировниот план договорен заедно минатата година, кој вклучува прекин на непријателствата.
Политичка, социјална и економска криза го зафати Мјанмар откако армијата ја собори избраната влада предводена од Аунг Сан Су Чи минатата година, што доведе до пресметка меѓу нејзините поддржувачи и воената хунта.