Пакистан остро го осуди иранскиот воздушен напад внатре во неговите граници. Во нападот загинаа и две деца.
Пакистан тоа го нарече „неиспровоцирано нарушување на нивниот воздушен простор“ и најави одмазда, пренесува Си-Ен-Ен.
Иран објави дека користел „прецизни ракети и беспилотни летала“ за да уништи две упоришта на сунитската милитантна група Џаиш ал-Адл, позната во Иран како Џаиш ал-Дулм во пакистанската југозападна провинција Балучистан, пренесува иранската новинска агенција Тасним.
Нападот дојде откако Иран во понеделникот лансираше ракети во северен Ирак и Сирија.
Тоа е најновата ескалација на непријателствата на Блискиот Исток, каде што израелската војна во Газа се заканува да ескалира во поширок регионален конфликт.
Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека во нападот на нивна територија биле убиени две невини деца и го предупредиле Иран на сериозни последици.
– Уште позагрижувачки е што тоа се случи и покрај постоењето на неколку канали за комуникација меѓу Пакистан и Иран, соопшти Министерството.
По нападот, нуклеарно вооружениот Пакистан упати остра нота на протест со висок функционер во иранското Министерство за надворешни работи во Техеран и рече дека одговорноста за последиците ќе лежи директно кај Иран.
Милитантната група Џаиш ал-Адл доцна синоќа соопшти дека иранската револуционерна гарда употребила шест нападни беспилотни летала и налет од ракети за да уништи две куќи во кои живееле сопругите и децата на нивните борци.
Убиени се девојчиња на возраст од осум и 12 години, а најмалку четири лица се повредени. Цел на нападот била и џамија во близина на нападнатите куќи.
Џаиш ал Адл или Армијата на правдата е сепаратистичка милитантна група која оперира од двете страни на границата и претходно ја презеде одговорноста за нападите врз ирански цели.
Нивната цел е независност на иранската провинција Систан и Белучистан.
Pakistani location which was hit by Irani missile….#Iran #IranAttackPakistan #Pakistan pic.twitter.com/awCLZ3kxNZ
— Mr Sinha (@MrSinha_) January 17, 2024