Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска изјави дека Русија ќе остане закана за европската безбедност дури и ако се постигне мир во Украина, изразувајќи жалење што американската администрација веќе направила, како што наведе, отстапки за Русија пред почетокот на преговорите.
„Би било наивно да се верува дека оваа закана, дури и по каков било мировен договор, секогаш кога ќе се оствари, всушност ќе ослабне“, рече Писториус пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, пренесе Ројтерс.
Писториус нагласи дека затоа е неопходно членките на НАТО повеќе и побрзо да инвестираат во својата одбрана и безбедност.
Писториус изјави дека, како што покажало искуството низ вековите, мирот може да се обезбеди само врз основа на „позицијата на силата“.
Кога станува збор за можното членство на Украина во НАТО и дали земјата треба да ѝ отстапи некој дел од територијата на Русија, Писториус оцени дека овие прашања не треба да се симнат од агендата пред да започнат мировните преговори со Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп откри дека очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Саудиска Арабија за мировни преговори за Украина по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, пренесе Си-Би-Ес.
Зборувајќи за првиот потврден контакт меѓу двајцата лидери по враќањето на Трамп во Белата куќа, американскиот претседател во средата на новинарите во Белата куќа им рече дека имал „долг и многу продуктивен“ разговор со Путин, пренесе Ројтерс.
Тој оцени и дека „не е практично Украина да стане членка на НАТО“, додавајќи дека е „малку веројатно“ Украина да ги врати сите територии од пред почетокот на војната со Русија, пренесува Танјуг.