Околу пет отсто од младите на возраст од 12 до 25 години и три отсто од возрасните над 25 години имаат „долгорочен ковид“ по инфекцијата со коронавирус, се вели во денешниот извештај на Холандскиот национален институт за јавно здравје и животна средина (РИВМ).
Еден од четири млади луѓе и секој петти возрасен со „долгорочен ковид“, познат и како синдром на пост-ковид, рекле дека симптомите се доволно сериозни за да влијаат на секојдневниот живот, пренесува NL Times.
Тие често пријавуваат исцрпеност, проблеми со концентрацијата и меморијата и отежнато дишење.
Околу 30 отсто од младите и 39 отсто од возрасните имаат симптоми веќе 2 години, а девет отсто од младите и 32 отсто од возрасните ги имаат три години.
Холандските општи лекари пријавиле до RIVM дека бројот на луѓе кои доаѓаат кај нив со проблеми со меморијата и концентрацијата е „значително поголем“ отколку пред пандемијата.
Во извештајот се посочува дека овој проблем е најчест кај лицата на возраст од 25-45 години, додека кај постарите се вратил на нивото од 2019 година.