Пет лица загинаа во пад на хеликоптер што превезуваше лекари во Малезија

Сподели со своите пријатели

Пет лица, вклучувајќи медицински персонал, загинаа во падот на хеликоптер што превезуваше лекари во Малезија во вторник, објави денес, 9 септември, министерот за здравство на земјата, Џулкефли Ахмад.

Ахмад изјави дека, според првичните информации, пилотот и четворица службеници на министерството биле во хеликоптерот што се урна вчера во близина на аеродромот Лонг Леланг во државата Саравак, пренесува Ројтерс.

Според него, меѓу нив имало еден медицински службеник, помошник медицински службеник и две медицински сестри на службена должност, пренесува Танјуг.

Службата „летачки лекар“ обично користи авиони за да обезбеди медицинска нега, итен транспорт и клинички услуги во рурални или изолирани региони.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Путин до Ким Џонг Ун: Ќе продолжиме да го зајакнуваме нашето стратешко партнерство

Операциите за пребарување беа отежнати од густата магла, што ги спречи спасувачите да користат хеликоптери или авиони во потрагата, изјави во соопштение полицискиот комесар на Саравак, Мохамад Заинал Абдула.

Тој додаде дека местото на несреќата е во оддалечена област, до која е потребно да се патува по копно десет часа.

Саравак, на островот Борнео, беше покриен со густа магла предизвикана од големите шумски пожари во соседна Индонезија.

Малезија прогласи вонредна состојба во округот Серијан во Саравак минатата недела откако загадувањето на воздухот се искачи на опасни нивоа, што подоцна беше укинато.