Пет различни фестивали неделава ќе се одржат во Куманово во рамките на т.н. „Кумановско културно лето“.
– Оваа година културното лето ќе трае пет дена. Ќе го отпочнат КУД „Панче Пешев“, моментално ги пречекуваат своите гости. Се надеваме дека публиката ќе биде задоволна, изјави Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура и спорт.
Настаните почнуваат од денеска со петиот Меѓународен фолклорен фестивал Куманово во организација на КУД „Панче Пешев“.
Манифестацијата ќе започне денеска попладне со дефиле на учесниците низ кумановските улици од Соколана до Центарот за култура.
Утревечер на Градскиот плоштад ќе се одржи фестивалот на албанска рок музика „Кенга епике“ со почеток во 20:30 часот.
– Ги очекувам сите обожаватели на рок музиката да дојдат и да го проследат настанот. Имаме многу стари песни преработени и мојот сон беше да ги преработиме тие песни во рок и метал жанр, рече Бесим Мифтари, организатор на настанот.
Во среда со почеток од 19:00 часот на градскиот плоштад ќе се претстават учесниците на Меѓународниот фолклорен фестивал. Граѓаните на Куманово ќе имаат можност да проследат настапи на фоклорни друштва од Македонија, Србија и Грузија.
На 29ти август, во четврток од 20 часот ќе се одржи фестивалот на шегобијна кумановска музика „Тумба фест“, на кој ќе настапат повеќе имиња од кумановската, македонската и српската фолк сцена.
– Имаме значајна колонија на кумановски што изведувачи, што автори, од кумановците ќе ни се претстават Нино Величковски, ќе го доживемее камбекот на Маргица Антевска со нова песна, тука е групата „Династија“, како и нашиот сограѓанин Боби Стојановски. Во најголем дел овие песни ги направи нашиот сограѓанин Игор Трајковски, изјави организаторот на фестивалот Драган Митевски.
Петок ќе биде резервиран за помладата публика, кога ќе се одржи фестивалот „Тумсток“, исто така со почеток од 20 часот.
Ќе настапат низа кумановски хип-хоп изведувачи, а ѕвезда на вечерта ќе биде Тони Зен.
– Ќе има голем број артисти, најпознат од нив ќе биде Тони Зен, но и доста локални и национални артисти. Годинава фокус на хип хоп музиката е со промоција на домашна естрада, односно македонски изведувачи, изјави Александра Тасиќ, од организацијата на фестивалот.
Низата фестивали ќе заврши со 20то јубилејно издание на Тамбурашки фестивал кој ќе се одржи во сабота, 31 август од 20 часот.
Ќе настапат повеќе тамбурашки состави, а со својот глас кумановци ќе ги почестат Нино Величковски, Маргица Антевска, Марио Арангеловски и Мартинијан Кириловски.
– Ќе бидеме први што ќе го отвориме фестивалот со песни од нашиот кумановски крај, македонското фолклорно поднебје пратени од тамбурашкиот оркестар „Табиет“ од Свети Николе, за да после нас настапат гостите од Црна Гора со солисти Нина Стругар и гостинот од Србија Драгиша Чолиќ, рече Нино Величковски, уметнички директор на фестивалот.
Настаните се со покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, а коорганизатори се Секторот и Фондацијата за култура и спорт.
Никола Ивановски