Песочна бура го погоди Пекинг по четврти пат за еден месец

Сподели со своите пријатели

Песочна бура ги погоди Пекинг и североисточните региони на Кина по четврти пат во изминатиот месец, принудувајќи некои жители да останат во затворени простории за да се заштитат од големото загадување на воздухот.

Loading...

Кинеската престолнина од понеделникот е под облак од портокалова магла, која до денес висеше во воздухот, но ситуацијата почна да се подобрува, објави Си-Ен-Ен.

Властите во Пекинг им рекоа на децата и постарите лица да останат дома, а на здравите возрасни им беше препорачано да се воздржат од активности на отворено.

Жителите исто така се предупредуваат да не отвораат прозорци и да носат маски.

Индексот на квалитетот на воздухот во понеделникот скокна на „многу загадено“ ниво, соопшти Општинскиот центар за мониторинг на животната средина во Пекинг.

Концентрациите на ПМ10 честичките надминаа 1.321 микрограми на кубен метар, соопшти Центарот, што е речиси 30 пати повисока од просечната дневна препорака од 45 микрограми на кубен метар, утврдена од Светската здравствена организација.

Пекинг редовно е погоден од песочни бури во пролетта, а смогот се влошува поради индустриската активност и уништувањето на шумите во северна Кина.

Овој пат, погодените области се проширија на југ до Шангај и делови од Хејлонгџијанг, најсеверната провинција во земјата, според Кинеската централна метеоролошка опсерваторија.

Loading...

Погодени се и регионите Ксинџијанг, Внатрешна Монголија, Гансу, Нингсија, Шанкси, Хебеи, Тијанџин, Шандонг, Хенан, Џиангсу, Анхуи и Хубеи, соопшти Опсерваторијата.

Најновата песочна бура е четврта што ја погоди земјата од 10 март, а осма од почетокот на годината, објавија кинеските државни медиуми.

Најсилната песочна бура годинава се случи на 22 март, кога честичките ПМ10 беа 1.667 микрограми на метар кубен, покажуваат податоците на Општинскиот центар за мониторинг на животната средина во Пекинг.