Четвртиот антикризен пакет мерки ќе тежи 470 милиони евра со цел да им се помогне на граѓаните и стопанството погодени од коронакризата, појасни денеска на прес конференција Катерина Пешиќ Бошковска, портпарол на ОО СДСМ Куманово.
Ребалансот на Буџетот за 2020 година, како што рече Пешиќ Бошковска, обезбедува навремена и ефикасна помош за работниците, за ранливите категории на граѓани, но и за компаниите кои се погодени, како последица на коронавирусот.
– 470 милиони евра изнесува четвртиот пакет антикризни мерки за помош на граѓаните и за помош на стопанството. Од нив, 70 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на 83 000 работни места и субвенционирање вкупно 250 000 плати за месеците октомври, ноември и декември. 27,6 милиони евра ќе завршат кај 283 000 граѓани кои ќе добијат домашни платежни картички, во вредност од по 6 000 денари, изјави Пешиќ Бошковска.
Со ребалансот, според Пешиќ Бошковска, Владата издвојува и 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од Covid 19.
– Парите ќе бидат наменети за Ковид центрите во Скопје и во болниците во останатите градови во државата. Овие 54 милиони се дел од вкупно 243 милиони денари кои Владата ги издвои за здравството. Останатите пари ќе бидат распределени за набавка на лекот ремдесивир, за набавка на вакцини, за тестови за Covid 19 и за потребите на јавните здравствени установи, изјави таа.
Според Пешиќ Бошковска , овој ребаланс на Буџетот е во насока на ублажување на негативните последици врз економијата предизвикани од Covid 19.
Никола Ивановски