Пентагон објави дека вклучил 33 руски универзитети на листата на институции што претставуваат ризик за националната безбедност на САД.
Ова го објави РИА Новости, повикувајќи се на соопштението на Министерството за одбрана на САД.
Мерката е дел од политиката на американската администрација насочена кон спречување на трансфер на технологии во земји што Вашингтон ги смета за потенцијален безбедносен ризик.
Листата вклучува вкупно 130 научни и образовни институции од Русија, Кина и Иран.
Меѓу руските институции вклучени на листата се Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, Вишата економска школа и Московскиот државен технички универзитет „Н.Е. Бауман“.
Пентагон препорача американските истражувачи, академските институции и индустриските партнери да бидат особено внимателни кога разгледуваат соработка, финансирање или споделување податоци со институциите на листата.
Министерството за одбрана на САД ги обвинува овие институции за активности за кои вели дека го зголемуваат ризикот од неправилна употреба на резултатите од истражувањата финансирани од владата на САД.

