Судот во Пакистан осуди маж на смрт за убиство на тинејџерска инфлуенсерка. Ова убиство предизвика бран на негодување низ целата земја.
Умар Хајат провалил во домот на 17-годишната ТикТок ѕвезда Сана Јусаф во јуни минатата година, откако таа ги одбила неговите постојани додворувања, и ја застрелал до смрт.
Хајат, кој сега има 23 години, го призна злосторството во јули, велејќи дека развил еднострана опсесија со Јусаф по неколку онлајн интеракции.
Таткото на убиеното девојче, Саид Јусаф Хасан, рече дека пресудата на судот во Исламабад „е лекција за сите такви криминалци во општеството“, објавија локалните медиуми.
Судот, исто така, му наложи на Хајат да плати 2,5 милиони рупии (околу 9.000 долари) како отштета на семејството на жртвата, објави BBC.

Дел од јавноста ја критикуваше нејзината работа како инфлуенсерка
За време на истрагата, Хајат изјави дека неколку дена пред убиството, тој отпатувал во Исламабад за да ѝ честита роденден на Јусаф.
Иако таа го одбила, тој успеал да стигне до нејзиниот дом, каде, според пакистанските медиуми, се случила расправија што завршила со убиство.
Пред нејзината смрт, Јусаф имала повеќе од милион следбеници на ТикТок и уште половина милион на Инстаграм.
Активистите тврдат дека нејзиното убиство е дел од поширок модел на насилство врз жените во Пакистан.
По злосторството, полицијата спроведе рации на неколку локации во Исламабад и покраината Пенџаб, каде што Јусаф живеела со своето семејство, и прегледала снимки од вкупно 113 камери за надзор.
По потекло од живописниот северен регион Читрал, Јусаф беше позната по промовирањето на традиционалната музика и облека од Читрал преку своите видеа.
Таа, исто така, се залагаше за образование на девојчињата.
Неколку часа пред убиството, таа објави фотографија од себе како го слави својот роденден со своите пријатели.
Иако многумина изразија гнев поради убиството, дел од јавноста ја критикуваше и нејзината работа како инфлуенсерка.
Усама Килџи, директор на организацијата за дигитални права „Боло Бхи“, за Би-Би-Си изјави дека ваквите критики доаѓаат од малцинство претежно машки корисници на интернет, од кои некои се повикуваат и на религиозни причини.

