Американски суд го осуди пакистанскиот државјанин Асиф Мерчант (48) на 330 месеци, или 27 години и шест месеци затвор, за планирање заговор за убиство на американскиот претседател Доналд Трамп и други истакнати американски политичари по налог на Иран, објави утрово Министерството за правда на САД.
Во март, трговецот беше прогласен за виновен од федералната порота за доаѓање во САД за организирање политички атентати на американска почва.
Американските обвинители тврдеа дека се обидел да регрутира соработници за планот, во кој, покрај Трамп, биле вклучени и тогашниот претседател Џо Бајден и Ники Хејли, која беше кандидатка на републиканците за претседател на изборите во 2024 година.
Според обвинителството, заговорот бил наменет како одмазда за убиството на иранскиот воен командант Касем Солејмани во американски напад во 2020 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп.
Мерчант сведочеше за време на судењето дека се придружил на заговорот со членовите на Корпусот на иранската Исламска револуционерна гарда, иако неволно, со цел да го заштити своето семејство во Техеран.
Тој изјави дека никогаш не му било наредено да убие одредена личност, туку дека иранскиот лидер му спомнал три имиња за време на разговорот во Техеран.
Планот бил осуетен пред да може да се случи нападот.
Лице кое го контактирал Мерчант во април 2024 година за да му помогне да го спроведе заговорот, ги пријавило своите активности на американските власти и станало доверлив информатор.
Мерчант бил уапсен истата година и се изјаснил за невин.
Иран негираше дека планирал напади врз Трамп или други американски функционери.
Судењето во Бруклин, Њујорк, започнало кон крајот на февруари, неколку дена пред Трамп да нареди напад на САД врз Иран во соработка со Израел, кој ја започнал војната во Иран, според Ројтерс.

