Летото е во полн ек. Пеколните температури надвиснаа над Македонија. Оние кои се разладуваат на плажа знаат често со себе да понесат примерок добра книга и да се опуштат и уживаат. Ако не знаете која книга да ја прочитате ви претставуваме дел од најчитаните книги оваа лето во државава според информациите од издавачките центри и кратка содржина од истите.
Лето во Италија – Дејвин Мекфарлан
Сензуален, трогателен роман за уметноста, убавината и изборите што ги правиме, кои ќе го предодредат нашиот живот.
Едно момче патува во Париз во 1968 г., каде што низа неверојатни настани го водат до големата љубов на неговиот живот… Трговец со мермер среќава необична двојка на меден месец и ги запознава со сензуалните убавини на регионот Карара… Една Италијанка пристигнува во Канада во потрага по татка си кого никогаш не го видела… Ужасната несреќа во еден мермерен каменолом го менува животот на едно младо момче и, на крајот, е двигател на секоја од овие навидум неспоиви приказни мајсторски сплотени во величествена целина.
Оливер Хјусон се вљубува во дивата боемка Ана во текот на едно прекрасно лето во Италија. Но мора да ја напушти – чин за кој ќе се кае до крајот на животот. По 40 години, неговата ќерка која никогаш не ја запознал, ја раскажува оваа љубовна приказна со митски размери…
Покорување – Мишел Уелбек
Во пролетта 2022 година Франсоа Оланд го завршува својот втор мандат. Тој е дискредитиран, засрамен, омразен и не успева да го спречи порастот на моќта на Муслиманското братство кое, под раководство на харизматичниот Мохамед Бен Абес, добива сѐ повеќе гласови. Традиционалните партии на власт го прифаќаат ова „претставително лице на исламот“ и – работата е завршена… На жените им се забрануваат јавните функции, што овозможува вработување на илјадници мажи и доаѓа до драматичен пад на невработеноста. Жените веќе не можат да носат фустан или здолниште на јавно место, а професорите на факултет мора да се преобратат, и тоа во рок од само неколку часа.
Франсоа, универзитетски професор и стручњак за славниот декадентен писател Уисманс, осаменик кој животот го поминува во сезонски љубовни врски со студентките, на почетокот е незаинтересиран за промените што се случуваат во неговата околина, но набрзо сфаќа дека светот во кој живее драстично ќе се промени. Додека низ Франција избиваат нереди, Франсоа се повлекува во внатрешноста на земјата и чека настаните да стивнат. Тоа патување се претвора во внатрешна одисеја до најмрачните агли на неговата душа, и сурово соочување со фактот дека неговиот живот повеќе нема никаква подлабока смисла.
Покорување предизвика поделеност кај критиката во однос на тоа како треба да се чита – како сатира, како критика на потрошената и компромитирана елита, како визија која може да стане реалност или како чиста провокација? Одговорот ќе го најдете сами помеѓу кориците на оваа книга.
Романтичен егоист – Фредрик Бегбеде
Фредерик Бегбеде е уште едно од „лошите деца“ на француската книжевност. Оскар Дифрен, зад кој го препознаваме книжевното алтер-его на Бегбеде, е 34-годишен писател кој, за да внесе страст во животот, својот дневник го води објавувајќи го по весници. Себеси се опишува како егоист, кукавица, циник и опседнат со секс – накусо, маж како сите други. И драма и комедија истовремено, во Романтичен егоист Бегбеде мошне вешто го користи ликот на Оскар за да проговори за сериозните нешта кои ни се навистина важни: љубовта и сексот, слободата и верноста, хедонизмот и строгоста, површноста на современото општество, тривилизацијата на љубовта. Романтичен егоист е забавен, смешен, контроверзен, роман кој ќе ве изнервира, насмее, но и замисли!
Дали веќе се одлучивте што вие ќе прочитатe во овие врели летни денови?