Остин: Војната на Блискиот Исток не е неизбежна, но Америка ќе помогне во одбрана на Израел

Сподели со своите пријатели

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека не смета дека војната на Блискиот Исток е неизбежна, но дека САД ќе му помогнат на Израел да се одбрани доколку биде нападнат.

Loading...

Неговите коментари доаѓаат по израелските тврдења во вторникот дека ИДФ убила командант на Хезболах, наводно зад нападот на окупираната Голанска Висорамнина, пренесува Ројтерс.

„Мислам дека војната не е неизбежна и останувам на тоа. Мислам дека секогаш има простор и можност за дипломатија“, изјави Остин на новинарите за време на неговата посета на Филипините, пренесува Танјуг.

Исто така, на прашањето дали може да ја потврди информацијата за убиството на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије во Техеран, Остин рече дека нема информации.

Министерот истакна дека САД ќе помогнат во одбраната на Израел во случај на војна, но дека приоритет е намалување на растечките тензии на Блискиот Исток.

„Ние не сакаме ништо од тоа да се случи. Ќе работиме напорно за да се осигураме дека правиме работи што ќе помогнат да се намалат тензиите и да се решат прашањата преку дипломатски состаноци“, рече тој.

Иранската револуционерна гарда претходно денеска објави дека Ханије и неговиот телохранител биле убиени во Техеран, каде лидерот на Хамас присуствувал на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Никој не ја презеде одговорноста, но се сомнева дека зад убиството стои Израел, кој претходно вети дека ќе ги убие лидерите на Хамас за нападот на групата на 7 октомври, според АП.

Loading...

Хамас го нарече убиството во наводниот воздушен напад „сериозна ескалација“ и се закани со „војна за ослободување на Ерусалим“.

Израел не даде изјава во врска со убиството, што е често случај кога станува збор за атентати извршени од израелската разузнавачка агенција Мосад, наведува американската агенција.