Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по повод Денот на независноста на Украина, денес, оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.
Упатувајќи искрени честитки по повод Националниот ден, министерот Османи изрази поддршка за борбата на украинскиот народ, која воедно претставува борба за нашите заеднички современи и демократски вредности, како и заштита на меѓународниот поредок.
„Северна Македонија во овие тешки времиња за украинската и европската безбедност, изразува силна поддршка за Украина и солидарност со украинскиот народ во нивната борба за враќање на мирот и надминување на последиците од руската агресија. Украинците, бранејќи ја својата татковина, се борат не само за својата слобода, туку и за слободата на целокупниот демократски свет и споделените европски вредности.” – истакна Османи
И во оваа прилика Османи ја реафирмираше нашата цврста и бескомпромисна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, притоа упатувајќи силна осуда за руската воена инвазија, што претставува грубо кршење на меѓународното право и обид да се поткопаат темелите на европската и глобалната сигурност и стабилност. Во тој контекст, нагласи дека Северна Македонија, како членка на НАТО Алијансата има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија.
За време на разговорот стана збор и за европските перспективи на двете држави, особено од аспект на безбедносните импликации за европскиот континент, но и пошироко, а во контекст на новата геополитичка реалност.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.