Османи се сретна со Турковиќ

Сподели со своите пријатели

На маргините на министерскиот состанок во рамките на Берлинскиот процес, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари билатерална средба со заменик претседавачот на Советот на Министри и министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ.

Loading...

На средбата беше истакнато заемно задоволство за позитивната динамика во развојот на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина и беа разменети мислења околу можностите за натамошно унапредување, со посебен осврт врз економската соработка, која заостанува во однос на блиските и отворени политички односи.

„Препорака на Европската Комисија да се додели кандидатски статус за членство во Унија е секако исклучително важна за граѓаните на Босна и Херцеговина и нивната иднина, но не помалку важна и за регионот на Западен Балкан, особено како порака до оние кои имаат поинакво гледање за местото и улогата на Босна и Херцеговина“, истакна Османи нагласувајќи ја поддршката на Република Северна Македонија за европскиот и евроатлантскиот пат на Босна и Херцеговина како и подготвеноста и отвореноста за споделување на искуства на овој план.

Соговорниците се осврнаа и на актуелните состојби во регионот и пошироко, како и економските и енергетски предизвици поврзани со руската воена агресија во Украина.