Државата и главниот град имаат капацитет да ги примат сите високи гости коишто ќе присуствуваат на Министерскиот совет на ОБСЕ кој на 30 ноември и 1 декември ќе се одржува во Скопје.
Делегациите на сите земји-учеснички на ОБСЕ и партнери на Организација ќе бројат од 30 до 60 луѓе, односно се очекува на овој најголем меѓународно-политички настан организиран во историјата на Северна Македонија да присуствуваат околу 1000 делегати. Ние сме подготвени и ги имаме разработено сите сценарија за нормално одржување на овој значаен настан. Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, во вечерашното гостување во емисијата 360 степени која се емитува на МРТВ.
„Подготовката и пренамената на спортскиот центар Борис Трајковски се одвива според предвидената динамика за да ги пречека делегациите на земјите-учеснички на ОБСЕ и партнерите на Организацијата“, рече Османи.
Зборувајќи за тоа кои се можностите за присуство на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, Османи се осврна и на присуството на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
„Немам индикации за Блинкен дека нема да дојде. Согласно информациите што до сега ги имаме, очекуваме присуство на министрите за надворешни работи на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ, САД, Канада, Велика Британија, сите министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, Централна Азија“, рече Османи.
Започната е постапка за присуство на руската делегација и во наредните денови ќе се знае исходот од неа, додаде Османи.
„Ние и нашите соседи ќе треба да ја донесеме конечната одлука дали ќе биде дозволен прелет на воздушниот простор за да може руската делегација да биде присутна“, појасни Османи.
Клучниот гео-полтички момент, руската воена агресија во Украина, но и кризата на Блискиот Исток може да влијае како дополнителен мотив за што поголемо присуство на министрите за надворешни работи на Министерскиот совет на ОБСЕ.
„Доколку делегациите што ги споменав, како и претставници на земјите од Блискиот Исток и на Украина, министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба, бидат присутни во Скопје во еден ваков критичен гео-политички момент, тоа навистина го прави Скопје центарот на светот“, рече Османи.
Водичот на ОБСЕ за организирање на настан од ваков ранг се почитува целосно и целата организација ќе биде врз основа на строгите критериуми и протоколи определени од Виена, увери Османи.
Претседавањето на Северна Македонија и покрај сложените услови во кои се наоѓа ОБСЕ успеа да ги постави во преден план клучните прашања за тоа што претставува и како Организацијата придонесува за луѓето во земјите во коишто е присутна, но и оние прашања што се важни за нејзиното функционирање, како изборот на Претседавач за 2024 година, изгласување на буџетот како и именувањето на челници за клучните позиции во институциите на ОБСЕ, рече Османи.
„Клучните одлуки за ОБСЕ ќе се донесат токму во Скопје. Имаме историска улога како домаќини на Министерскиот совет да ја спасиме Организацијата. Тоа е мојот повик до земјите-учеснички. Организацијата не смееме да ја заборавиме и мораме да најдеме решение таа и понатаму да функционира“, потенцираше Османи.