Општина Куманово на вториот владин повик за инфраструктурно уредување на општините ќе аплицира со единаесет проекти, соопштија надлежните од секторот за комунални дејности.
Меѓу најкрупните е изградба на градинка во населбата Зелен рид и изградба на гасоводна мрежа во индустриската зона Карпош, како и на училиштето „Толи Зордумис“ и гасификација на пет улици во различни подрачја од Куманово.
Општина Куманово ќе аплицира и за изградба на седум улици во населбите Гладно поле, на една Ајдучка Чешма, за улицата „АВНОЈ“ со четири пропратни во населбата Зелен Рид, за реконструкција на улиците „Индустриска“ и во урбана единица „Проевце“, за реконструкција на спортската сала во делот на електрика и партерно уредување и изведба на систем за ладење и греење.
Општината има проект и за реконструкција на мостот на река Пчиња, кој е во исклучително незавидна состојба и за реконструкција на домот за стари лица „Зафир Сајто“.
– За сите проекти имаме проектна документација, најголем дел се на барање на граѓаните, важни за локалниот економски развој, изјави раководителката на секторот Лидија Ланг Спасовска.
На овој повик општината побарува 814 милиони денари.
На претходниот повик Куманово доби најмногу средства за реализација на три проекти – изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел од внатрешни сообраќајници во индустриска зона-Речица во општина Куманово, реконструкција на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ и изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа, дел од улицата „Б. С. Бато“ до село Доброшане (со индустриска зона долж патот во Доброшане).
МИА