Гласачите во американската сојузна држава Оклахома отфрлија легализација на марихуана за рекреативни цели, по силното противење на верските и политичките лидери, како и полициските и судските власти.
Оклахома требаше да стане 22-та американска држава што ја легализира употребата на канабис за возрасни, приклучувајќи им се на конзервативните држави како Монтана и Мисури кои одобрија слични предлози во последниве години.
Многу конзервативни американски држави, исто така, ја отфрлија идејата, вклучувајќи ги Арканзас, Северна Дакота и Јужна Дакота минатата година, пренесува АП.
Републиканскиот гувернер Кевин Стит и многу републикански конгресмени и сенатори, кои се спротивставија на легализацијата на марихуаната за лична употреба и ја водеа кампањата за отфрлање на предлогот, ги поздравија резултатите од гласањето.
Гласачите во Оклахома веќе одобрија употреба на марихуана за медицински цели во 2018 година, а државата има една од најлибералните програми во САД, со повеќе од 2.800 лиценцирани амбуланти, додека приближно 10 отсто од нејзината возрасна популација има медицинска дозвола за купување и консумираат канабис.
Прашањето за легализација на марихуаната за рекреативни цели беше единствено на гласачкото ливче за време на вчерашното гласање, а според првичните резултати, предлогот беше отфрлен најмногу благодарение на гласовите во руралните средини.
Доколку предлогот беше усвоен, тој ќе му овозможеше на секој возрасен жител на Оклахома да купи и поседува до 28 грама марихуана, како и концентрати и производи од марихуана.
Ниските даноци и евтината земја го олеснија влегувањето во индустријата за медицинска марихуана во Оклахома, што доведе до поплава од одгледувачи, преработувачи и медицински диспанзери кои се натпреваруваат за ограничен број клиенти.