Одбојкарките на Јанта Волеј утре ќе го одиграат првиот натпревар против чешкиот тим ВК Лви Прага во рамките на ЦЕВ Челинџ купот 2027.
Натпреварот ќе се игра во спортската сала „Куманово“, со почеток во 19:30 часот, а од клубот ги повикуваат љубителите на спортот да ги исполнат трибините и да им дадат поддршка на европската сцена.
За Јанта Волеј ова е втора година по ред како учесник во европските натпреварувања.
– Станува збор за еден натпревар на европска сцена, каде што учествуваме втора година по ред. Ги повикуваме сите љубители на спортот во Куманово да дојдат и да нè поддржат, изјави тренерот на ЖОК Јанта Волеј, Никола Јаневиќ.
Одбојкарките се подготвени за предизвикот, а капитенката Матеја Поповска вели дека подготовките се одвиваат одлично и дека атмосферата во екипата е на високо ниво.
– Тренираме напорно и, секако, се надеваме на најдоброто. Очекувам победа, но пред сè очекувам од моите девојки да покажеме добра игра и карактер, како и да покажеме за што сме тренирале. За тоа е потребна и поддршката од трибините, па ве очекуваме сите да дојдете и да нè поддржите“, порача Поповска.
Од клубот најавуваат борба за секој поен и ги повикуваат навивачите заеднички да создадат европска атмосфера во спортската сала Куманово.
Минатата сезона клубот настапи во квалификациите за Лигата на шампионите, додека оваа година ќе се натпреварува во ЦЕВ Челинџ купот, третото по ранг европско клупско натпреварување.
Никола Ивановски

