Оптшинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово продолжува со активностите кои имаат за цел будење од долгогодишниот сон во кој очигледно заспале градоначалникот и локалната власт, изјави на денешната прес конференција, претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Драган Петковски.
[huge_it_gallery id=”98″]
На ваков начин, како што истакна Петковски, ОК на ВМРО ДОМНЕ се надева дека доволно ќе ја испровоцира локалната самоуправа да престане со барање оправдување и да се зафати со решавање на барем некои, од многуте наталожени проблеми во општината.
– Денес, сакаме да го искажеме нашиот и револтот на граѓаните на Куманово, предизвикан од сообраќајниот хаос кој повеќе години е неподносливо секојдневие во нашиот град. На сите претходни избори, актуелниот градоначалник ветуваше решение за поефикасен сообраќај и подобро функционирање на градот, но за жал, сето тоа остана само на хартија како и поголемиот број на неговите предизборни ветувања. Сведоци сме на огромен број на оштетени улици, полни со големи пукнатини кои ниту се санираат ниту се реконструираат. Згора на тоа, по отстранување на секој дефект, комуналните претпријатија уште повеќе ги оштетуваат и онака лошите улици во градот, вели Петковски.
Според ОК на ВМРО ДПМНЕ, лошата хоризонтална и вертикална сигнализација, дел од семафорите се дотраени и оштетени дел не се во функција.
Лошо спроведен еднонасочен сообраќај кој предизвикува тесни грла во градот, а веќе неколку години локалната власт не најде за сходно да изврши ревизија за еднонасочниот сообраќај. Неводење грижа за пешачки и велосипедски патеки. Лошо реализирано парцијално зонско паркирање кое наместо да го намали го зголемува сообраќајниот хаос.
Ова е реалната слика за неспособноста на оваа истрошена локална власт, без визија и идеи за подобрување на секојдневното живеење во општината. Затоа денес, симболично од оваа раскрсница сакаме да испратиме апел до локалните власти конечно да се зафатат и да почнат да ги решаваат проблемите. Ја одбравме токму оваа раскрсница, затоа што е синоним за невидено лошо, нестручно изработено и неефикасно сообраќајно решение.
За информација оваа раскрсница е неофицијално пуштена во употреба на 11 Ноември 2008 година, и до денеска, на ова месте се случија 31 сообраќајна незгода во која 3 лица го загубиле животот, 6 лица се здобиле со тешки телесни повреди и 26 лица со полесни телесни повреди, а причинета е голема материјална штета. Од ова произлегува дека истата претставува една од најголемите црни точки за безбедноста на сообраќајот во Куманово.
Исто така само за информација оваа раскрсница е пуштена во употреба без употребна дозвола која и до ден денеска не е добиена, што значи дека повеќе од 6 ипол години, истата се употребува без законска дозвола, истакна Петковски.
ОК на ВМРО ДПМНЕ предлага и бара, спорната раскрсница, во која се спојуваат 6 улици и која на десетина метри има неколку семафори да биде заменета со кружен тек на сообраќајот. Тоа ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот, но и ќе овозможи и поврзување на две сега отсечени улици, велат од партијата.