Извори од истрагата потврдија дека меѓу уапсените во Куманово е тетовецот Неџбедин Лика кој во отсуство е осуден на 12 години затвор за убиство на советник во општина Тетово, јавува Телма.
Лика убиството го извршил во 2004-та кога со еден истрел го погодил Ибиш Красниќи – тогашен тетовски општински советник од ДПА. Неџбедин Лика е во роднински врски со Хазби и Иса Лика (кој беше убиен во 2006-та). Од убиството до завчера, Неџбедин Лика бил во бегство.
Уапсен е и албанскиот државјанин Генц Сефа, објавија албанските медиуми, а информацијата за Телма ја потврдија безбедносни извори.
Сите во своите искази признале дека границата со Македонија ја минале нелегално, јавува Телма. И во двете соопштенија на Основниот суд Скопје 1 и на Јавното обвинителство не се ставени иницијалите и возраста на припадниците на групата која повеќе од 24 часа водеше војна со полициските специјалци во Куманово.
Од 30 приведени, 18 лица се државјани на Косово, две лица државјани на Македонија со привремен престој во Косово, 9 лица се македонски државјани и еден приведен е албански државјанин со престој во Германија.
Телата на загинатите припадници на кумановската група се предадени на обдукција во Институтот за судска медицина. Според нашите информации, станува збор за десет тела кои вчера вечер се префрлени во Институтот. Обдукцијата на телата се уште трае.
Весникот Коха објави дека меѓу загинатите е и Мирсад Ндрецај, еден од водачите на групата. Полициски извори за весникот неофицијално изјавиле дека името на Ндрецај не било објавено меѓу загинатите вчера затоа што не било завршено идентификувањето. Во обвинителството како осомничен бил изведен и сопственик на куќата во која била стационирана групата.
На лице место се пронајдени и 14 тела во униформи чиј идентитет дополнително ќе се утврдува, соопшти МВР. Меѓу нив засега е препознаен Џафер Зумбери од Ѓаковица. Како што соопшти МВР, бил пронајден и голем арсенал на оружје кој ќе бил подигнат и вештачен.
Како што веќе соопшти МВР, во текот на акцијата, на полициските сили им се предадоа повеќе од 30 терористи, главно македонски државјани и еден албански државјанин.
Истите се предмет на обработка на службите и против сите нив ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение дека сториле кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Дел од овие лица, македонски државјани и претходно се кривично гонети за најтешки кривични дела како убиства, разбојништва, тешки кражби и други дела од областа на насилниот криминал.
Од првичните разговори дел од нив посочуваат дека групата започнала да влегува и да се утврдува во земјава на почетокот на месецов, подготвувајќи се кон средината на мај да отпочне со терористички напади кон цивилни и државни цели.
По престрелките кои се случија со последните членови на групата за жал се зголеми бројот на настрадани полициски службеници. Животите ги загубија осуммина припадници на специјалните единици, а 37 беа повредени.