Заклучно со 10 јуни, завршува учебната 2014/15 година, и покрај претходните најави дека учениците и училиштата кои беа дел од бојкотот на наставата, ќе мора да ги надокнадат изгубените часови.
Од друга страна, од утре до 19 јуни започнуваат екстерните испити од државната матура во учебната 2014/2015 година.
Според информацијата на Државниот испитен центар, матурантите утре ќе полагаат мајчин јазик и литература, на 15 јуни е полагањето странски јазик, на 17 јуни ќе се полага математика и на 19 јуни е тестот по хемија, физика, биологија, историја, бизнис, филозофија и естетика. Тестирањето во сите денови почнува во 10 часот.
Прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит.
ДИЦ соопшти дека Државната матура ќе се имплементира согласно со досегашната Концепција за државна матура и завршен испит, односно полагањето на тестовите ќе се врши единствено во писмена форма и предметот математика ќе биде изборен за сите ученици.