После дводневниот штрајк во Македонски Железници спроведен од страна на незадоволните машиновозачи кои си ги побараа заостанатите лични доходи и неплатено здравствено осигурување за јули и август, од вчера, според изјавите на граѓанските активисти, возниот билет за мигрантите е покачен, и сега изнесува 25 евра.
Штрајкот, инаку оценет како незаконски од страна на директорот на МЖ, беше ставен во мирување од вчера, кога бил постигнат договор меѓу синдикалните организации, платите да бидат исплатени, а машиновозачите да се вратат на своите работни места, со оглед на големиот бран бегалци кои дневно чекаат на транспорт до преминот во Табановце.
Според објавениот личен статус на активистката Милијана Ленак, билетот од 350 мкд, сега чини 25 евра.
Картата Гевгелија Табановце прво чинеше 350 денари и важеше еден месец. На железничката во Гевгелија не постоеше никаква информација на јазик разбирлив за бегалците ни за редовните возови, а уште помалку за вонредните. Шалтерот беше речиси постојано затворен. Отвараше половина час пред тргањето на возот. Стампедото пред влегувањето во воз доживуваше генерална проба при купувањето билети.
Македонски железници не превзамаа баш никакви мерки на љубезност кон луѓето, благодарение на кои им се случуваше продажба на билети подобра од секогаш .Бегалците не се жалеа што за нив нема седишта. Не се жалеа ни што нема места за стоење. Немаше дури ни место за да вдишеш. Тие сепак коректно го плаќаа својот билет за кој добиваа возење налик на возењето на Евреите кон Аушвиц. А потоа еден ден картата осамна со покачена цена, и пократок рок на траење. Чинеше 600 ден. а важеше само ден и пол. Никој не им гарантираше на бегалците дека во тие ден ипол ќе се качат на воз. Понекогаш воз воопшто немаше. Понекогаш имаше, но не и место за нив. А по тие ден ипол карта, тие мораа да си купат нова. А од денес возот чини 25 евра. Дали за таа нова цена, Македонски железници ја подобрија својата услуга? Дали е можеби во неа пресметана и некоја насмевка, убав збор, благодарност за подобрениот промет? Или и понатака мигрантите се само оние кои им ги изгнасија возовите, напиша Ленак.