Новата британска лабуристичка влада во петокот објави дека ќе продолжи да ја финансира агенцијата на ОН за палестинските бегалци, УНРВА.
Велика Британија е една од неколкуте земји кои го замрзнаа своето финансирање на УНРВА по израелските наводи дека дел од персоналот на агенцијата бил вмешан во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври што ја предизвика војната во Газа.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави во парламентот дека добил уверување дека агенцијата презела чекори за „да се осигура дека ги исполнува највисоките стандарди за неутралност“.
– Можам да му потврдам на овој дом дека ја откажуваме суспензијата на финансирањето на УНРВА. Британија ќе ѝ даде на агенцијата 21 милион (фунти) средства – рече тој, пренесе Ројтерс.