Не запираат изамамите на подрачјето на Куманово во изминатите денови, а последна во низа е од вчера кога 65-годишна кумановка останала без 30.000 евра.
– На 31.01.2025 година во 14. 30 часот , 65 годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 30 000 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ја гонат кривично, информираат од Секторот за внатрешни работи.
Како што е пријавено, таа ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена.
Низа измами за неколку дена
Во изминатите неколку дена имало повеќе обиди за измами.
Осумдесет и тригодишен кумановец завчера беше измамен за сума од 100.000 денари, а 66-годишна кумановка остана без 2.500 евра.
Во меѓувреме имало обид за уште измами, но безуспешни.
Лани со истата шема на дејствување имало две измами на подрачјето на Куманово.
– Според пријавите, сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното семејство имал сообраќајна незгода и дека потребна одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети, велат од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Од кумановската полиција апелираат до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192.
СВР Куманово вели дека презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите на измамите.