Стапката на невработеност во Шведска се зголеми во август од 7,7 отсто во јули на 7,9 отсто, објави денеска Шведскиот институт за статистика (SCB).
Во Шведска како невработени во август се регистрирани 453.000 лица, што е за 9.000 повеќе од истиот месец лани, додека бројот на вработени лица во истиот период паднал за 8.000 на 5,29 милиони, се наведува во извештајот.
Стапката на вработеност во Шведска во август била 69,6 отсто, а учеството на работната сила во вкупното население 75,6 отсто, пренесува Танјуг.
Статистиката на Шведска минатата недела соопшти дека годишната стапка на инфлација во земјата паднала од јулските 2,6 отсто на 1,9 отсто во август и сега е најниска од јули 2021 година, отворајќи го патот за натамошно намалување на референтните каматни стапки во земјата.
Цените на станбените и комуналните услуги во август пораснале за 4,5 отсто на годишно ниво наспроти јулските 6,3 отсто, пред се поради забавениот раст на цената на електричната енергија.
Во август, цените во шведското здравство пораснале за 5,7 отсто на годишно ниво, услугите во рестораните и хотелите пораснале за 4,3 отсто, додека во категоријата Разни стоки и услуги се зголемиле за 3,6 отсто, но во сите наведени случаи цената растот беше побавен отколку во јули.
За разлика од нив, цените на храната и безалкохолните пијалоци се зголемија за 1,4 отсто на годишно ниво, што е забрзано во однос на јули од 1,1 отсто.