Осудениот руски опозициски лидер Алексеј Навални изјави дека затворските власти го вратиле во самица по втор пат овој месец, бидејќи одел три секунди без да ја почитува наредбата да ги стави рацете зад грб.
Навални, најгласниот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, кој отслужува 11,5-годишна затворска казна за кршење условно ослободување, измама и непочитување на судот, на Твитер преку својот адвокат објави дека е испратен во самица на пет дена поради кршење на правилата.
Водечка руска опозициска личност, која тврди дека властите ги фабрикувале сите обвиненија против него за да го задржат зад решетки што е можно подолго, рече дека не ја почитувал веднаш наредбата да ги стави рацете зад грб, кога на 15 август одел кон самицата каде бил префрлен на три дена поради незакопчување на кошулата.
„Со ова темпо, самицата ќе ми стане постојано место на живеење“, вели опозиционерот (46), чиј Твитер профил го следат околу три милиони корисници на социјалната мрежа.
1/7 I’m back in the punishment cell. In programming this is called an “infinite loop”.
— Alexey Navalny (@navalny) August 24, 2022
Навални, кој самицата ја опиша како „пеколен плакар“, оцени дека „директивата очигледно доаѓа од Москва“.
„Дури и според руските затворски стандарди, да се испрати некој во самица затоа што не ги држи рацете зад грб само три секунди е премногу“, додаде тој.
Во јуни, Навални беше префрлен во затвор со максимална безбедност во селото Мелехово во Владимирската област, на околу 250 километри источно од Москва.
Тој беше уапсен во јануари 2021 година, откако се врати од Германија, каде што помина пет месеци закрепнувајќи се од труење со нервен агенс, за што го обвинува Кремљ.
Додека беше надвор од Русија, беше осуден на две и пол години затвор за наводно кршење на условниот отпуст, а во март годинава на уште девет години за измама и непочитување на судот.