НАТО денеска ја изрази својата солидарност со Албанија по неодамнешниот сајбер напад врз нејзината национална дигитална инфраструктура.
Алијансата, исто така, објави дека ја поддржуваат изјавата на Албанија и другите сојузници кои одговорноста ја препишуваат на иранската влада.
„Силно ги осудуваме ваквите злонамерни сајбер активности кои имаат за цел да ја дестабилизираат и да ѝ наштетат на безбедноста на сојузниците, односно да го нарушат секојдневниот живот на граѓаните. НАТО и сојузниците ја поддржуваат Албанија во зајакнувањето на нејзините капацитети за сајбер одбрана“, се нагласува во соопштението на НАТО.
Организацијата на Северноатлантскиот договор посочува дека таквите актери се обидуваат да ја оштетат критичната инфраструктура, да ги нарушат владините служби, да извлечат разузнавачки информации, да украдат интелектуална сопственост и да ги попречат воените активности на членките на НАТО.
Се вели дека НАТО е посветен на обезбедување на критична инфраструктура, градење отпорност и зајакнување на својата сајбер одбрана.
„Ќе продолжиме да ја зајакнуваме нашата одбрана од таквите злонамерни сајбер активности во иднина и меѓусебно да се поддржуваме во одвраќање, одбрана и спротивставување на целиот спектар на сајбер закани, вклучително и разгледување на можни колективни одговори“, се вели во соопштението.
НАТО нагласува дека се залага за слободен, отворен, мирен и безбеден сајбер простор.
НАТО ги повика сите држави да ги почитуваат меѓународните обврски и договори во однос на сајбер просторот.
Албанија вчера одлучи да ги прекине дипломатските односи со Иран, како одговор на сајбер нападите што беа извршени на веб-страниците на албанската влада во јули годинава.